• По повод Денот на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември, Сојузот на спортови на Скопје традиционално ги додели годишните награди и признанија кои се доделуваат уште од 1970 година, како признание за особени достигнувања и придонес во спортот и училишниот спорт.

     

    Особена гордост за ДУФК „Методи Митевски – Брицо“ претставува фактот што наградата „13 Ноември“ за особени заслуги во развојот и унапредувањето на училишниот спорт во средните училишта ѝ беше доделена на професорката Ана Јакимовска Стричевиќ, за нејзината долгогодишна посветеност, професионалност и значаен придонес во воспитувањето и развојот на младите спортисти.

     

    На свеченоста беше доделено и признанието „Спортски работник за животно дело“ на Божурка Ѓошевска, поранешна атлетичарка со богата спортска кариера од седумдесеттите години и професорка во пензија во ДУФК „Методи Митевски – Брицо“. Ова признание претставува заслужена потврда за нејзиниот долгогодишен труд, посветеност и придонес во спортот и образованието.

     

    Посебна чест за училиштето претставува и учеството на професорот во пензија Панче Јакимовски, исто така дел од ДУФК „Методи Митевски – Брицо“, кој на свечената церемонија ги доделуваше наградите за особени заслуги во училишниот спорт. Со својот авторитет, искуство и долгогодишна работа во спортот, тој достоинствено придонесе за значењето и свечениот карактер на настанот.

     

    ДУФК „Методи Митевски – Брицо“ изразува огромна гордост за успесите и признанијата на своите професори, кои со својот труд, ентузијазам и љубов кон спортот оставаат траен белег во воспитувањето и образованието на младите генерации.

     

    #ДУФКМетодиМитевскиБрицо #13Ноември #УчилишенСпорт #СојузНаСпортовиНаСкопје #Гордост #СпортскиУспеси